Ayşe Aktaş,Levent Tok
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Активистката Лина ел-Шами преку видеопораки ја пренесува трагедијата што се случува во источен Алепо, каде што сирискиот режим на Асад и шиитската милиција поддржана од Иран вршат масакр: „Во Алепо сме соочени со геноцид. Ова може да биде моето последно видео“, порачува Шами обидувајќи се да го крене светот на нозе, јавува Anadolu Agency (AA).
Шами се обидува да го привлече вниманието на светската јавност споделувајќи на социјалните мрежи аудио и видеоснимки на англиски јазик, на кои се гледа дека режимските сили напаѓаат десетици илјади цивили, притиснати во област од 6 кавадратни километри.
Откако вчеравечер излезе видео на кое се гледа дека милицијата поддржувана од Иран убива цивили во квартот на Алепо што го зеле под контрола, Лина го сподели видеото и напиша: „Ги повикувам сите што можат да ме слушнат. Во Алепо, кој е под опсада, се соочуваме со геноцид. Ова може да ми биде последно видео. На повеќе од 50 илјади луѓе кои се против режимот на Асад им се заканува смрт со убиство или бомбардирање. Според активистите, во регионите што се под контрола на режимските сили се убиени повеќе од 180 лица. Овде нема безбедни места и нема шанса за преживување. Секоја нова бомба значи нов масакр. Спасете го Алепо, спасете го човештвото!“
- „Можно е да умрат илјадници цивили“ -
Во аудиоснимката испратена до дописникот на АА, Лина вели дека режимот на Асад не се воздржува од користење на хемиско оружје врз цивилите.
„Со напредокот на режимските сили во населбите каде што живееја цивили, голем дел од цивилното население избега од сопствените домови, и сега се во населбите што се под опсада, без покрив над главите. Зголемена е бројката на населението во тие населби“, рече Лина и нагласи дека доколку продолжат бомбардирањата и нападите, можно е многу цивили да умрат во регионот каде што се притиснати.
- „Се обраќам до сите луѓе во светот: не спијте! Запрете го геноцидот!“ -
Со цел до светот да допре сликата за масакрот што се случува во Алепо, активистката Лина своите апели на социјалните мрежи ги пишува на англиски под хаштагот #SaveAleppo (спасете го Алепо) и #Savehumanity (спасете го човештвото).
„Се обраќам до сите луѓе во светот, не спијте! Можете нешто да направите! Протестирајте! Запрете го геноцидот!“, вели Лина на социјалните мрежи, упатувајќи апел до луѓето од целиот свет да излезат на мирни протести, седејќи пред сириските, руските и иранските амбасади во светот.
Со вчерашното палење на 4 живи деца и 9 жени и стрелање на 67 мажи од страна на режимот и иранската шиитска милицијата која е под негова команда, бројот на убиените цивили од страна на режимот достигна 1.071.