Cuneyt Davut
16 Април 2016•Ажурирај: 17 Април 2016
ИДОМЕНИ (АА) – Во бегалскиот камп поставен во градот Идомени, на македонско-грчката граница, група бегалци организираше протест со молк, на кој побараа духовниот лидер на католичкиот свет, Папата Францис, кој го посети островот Лезбос, да дојде во Идомени и да ги посети и нив, јавува Anadolu Agency (AA).
На протестот кој се одржа на меѓународната железничка пруга која веќе еден месец е затворена од страна на бегалците, имаше и деца кои во рацете држеа плакати со натписи „Папа, те молиме дојди во Идомени“, „Почитуван Папа, те очекуваме во Идомени“ и „Спасете не или вратете не во смрт“.
Во исто време друга група од околу 30 бегалци, се доближија до оградата поставена на границата од македонска страна, и имаа вербални дуели со македонската полиција. Бегалците извикуваа „Oтворете ја границата“.
Бегалците се обидоа да ја пресечат жицата од оградата и по еден час труд успееа да прекинат дел од оградата и да откорнат еден столб. Зголемениот број на припадниците на македонската полиција подготвени ги чекаа бегалците од другата страна на оградата, но освен со вербални дуели, не извршија никаква интервенција.