Ahmet Gürhan Kartal
07 Јануари 2019•Ажурирај: 08 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) - Над 200 пратеници на британскиот Парламент потпишаа писмо со барање Владата да отфрли Брегзит без договор, во пресрет на клучната недела на расправата во Долниот дом за договорот за повлекување од Европската Унија на премиерката Тереза Мај, по паузата за Божиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратениците од конзервативнaта, лабуристичката партија, либералдемократите, од Шкотската национална партија и од водечката партија на Велс (Plaid Cymru) соопштија дека се загрижени за ефектот на Брегзит без постигнување договор, особено во областа на преработувачката индустрија, доколу договорот вратен во Парламентот не успее при „значајното гласање“, а Велика Британија дојде до состојба да ја напушти ЕУ без договор.
„Ренесансата на производството и неговите снабдувачки синџири во оваа земја, зацврстена од побарувачката за извоз, значително го подобри животот на нашите избирачи“, се вели во писмото.
Се додава дека главниот пазар за овој извоз е Европската Унија.
„Заживувањето на преработувачката индустрија создаде безброј работни места, не само преку директно вработување, туку и во синџирот на снабдување и помошните услуги“.
„Напуштањето на ЕУ без договор ќе предизвика непотребна економска штета“, истакнува групата парламентарци.
Тие велат дека тргувањето според условите на Светската трговска организација веднаш ќе ги направи британските производители помалку конкурентни и ќе ѝ отежни на индустријата да го оправда производството на стоки во Велика Британија за извоз.
„Заминувањето (од ЕУ) без договор ќе го направи вистински предизвик континуираното инвестирање во производствениот сектор во Велика Британија за светските компании, кога тие имаат фабрики на други локации во Европа“.
За Договорот за повлекување постигнат меѓу Владата на Велика Британија и Европската Унија, по речиси две и пол години по референдумот одржан во јуни 2016 година, ќе се гласа на почетокот на следната недела по парламентарната дебата.
Дебатата, која треба да започне утре, се очекува да го обликува правецот по кој ќе тече гласањето. Сепак, Лабуристичката партија, Шкотската национална партија и Демократската унионистичка партија на Северна Ирска веќе се изјаснија дека ќе гласаат против.
Британските избирачи одлучија да ја напуштат Европската Унија по над 40-годишното членство на земјата во ЕУ.
Велика Британија би требало да ја напушти Европската Унија на 29 март 2019 година.