Ekip
12 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Верниците муслимани денеска го слават празникот Курбан Бајрам, чие одбележување започна со утринска молитва и предавање во џамиите. Централната манифестација се одржа во Мустафа-пашината џамија во Скопје, во организација на Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗ), при што се читаше Куранот и се интерпретираа илахии, јавува Anadolu Agency (AA).
Голем број верници беа присутни во џамијата каде се одржа централната молитвена церемонија на Курбан Бајрам, која ја предводеше поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман ефенди Реџепи, а присутен беше и турскиот амбасадор во Македонија Омур Шолендил.
Во обраќањето во име на претседателот на ИВЗ, кое го читаше ученикот од средното верско училиште, медресата „Иса Бег" од Скопје, Орхан Зендели, доминираа пораките за мир,солидарност и љубов меѓу луѓето.
„Драги верници, кога ќе се вратите од џамиите во своите домови, прегрнете се, отстранете ги сите инаети и непријатности.Пружете ја раката на својот брат и раката на помош давајќи на сиромашниот и нека владее само искрената љубов на едни кон други, затоа што само така ќе ги исполните пораките на нашиот Создавател", беше пораката на поглаварот на ИВЗ Сулејман ефенди Реџепи.
И во другите џамии во Македонија во присуство на голем број верници се клањаше Курбан Бајрам.
Исто така, големиот муслимански празник Курбан Бајрам се одбележува и во другите градови во регионот.
Илјаднци муслимански верници утрово се собраа во главниот град на Албанија, Тирана, на Булеварот на народните херои каде се одржа централната манифестација по повод Курбан Бајрам, додека во Приштина, главниот град на Косово, централната манифестација се одржа во Големата џамија во присуство на голем број верници.
По утринската молитва, верниците се посетуваат меѓусебно честитајќи го празникот, а оние кои имаат обезбедено курбан, ќе го поделат на оние за кои го намениле.