İlkay Güder
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
ПАРИЗ (АА) - Со положување венци на Споменикот на незнајниот јунак и со комеморацијата пред Триумфалната капија во Париз одбележана е 100. годишнина од завршувањето на Првата светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Одбележувањето на годишнината од крајот на Првата светска војна во Париз е организирано од францускиот претседател Емануел Макрон, кој со сопругата претходно приреди свечен прием во Елисејската палата.
На приемот во Елисејската палата присуствуваа 47 претседатели на држави, 23 премиери и челници на 15 меѓународни организации.
Меѓу поканетите беа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, како и највисоките официјални претставници од регионот.

По приемот, лидерите на земјите од Елисејската палата со автобуси заминаа во центарот на градот и чекореа до Триумфалната капија и Споменикот на незнајниот јунак.
На одбележувањето присуствуваа и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и американскиот претседател Доналд Трамп, кои не присуствуваа на претходниот прием во Елисејската палата, туку на Триумфалната капија пристигнаа со сопствените службени возила.
По двочасовната програма, учесниците на комеморацијата заминаа на ручек, кој во чест на високите претставници го организираше францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит Макрон.