Recep Şakar
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
МЕЛБУРН (АА) - Во Австралија е приведена 50-годишна жена која е обвинета дека ставала шивачки игли во јагоди произведени во Квинсленд, што доведе до економска и безбедносна криза во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицијата на Квинсленд соопшти дека по опсежна истрага, приведена е жена за која постои сомнение дека во септември ставала игли во јагоди произведени на фарма во оваа австралиска сојузна држава.
Нејзиниот идентитет не е споделен со јавноста, ниту причината поради што го сторила тоа. Жената утре ќе биде изведена пред суд во Бризбејн. Според законите на Квинсленд, за свесна контаминација на храна предвидена е затворска казна до 10 години.
Кризата со иглите во јагодите се појави откако на 12 септември е хоспитализирано едно лице поради болки во стомакот кои се појавиле откако јадело јагоди купени во супермаркет. По спроведената истрага утврдено е дека корпите со јагоди во кои биле ставени шивачки игли се произведени на фарма во Квинсленд, и дека потоа дошле на пазарот во неколку сојузни држави.
Јагодите се повлечени од продажба во земјата и во Нов Зеланд, а уништувањето на неколку тони од ова овошје, предизвика економска криза во земјата.
Продажбата е прекината, а федералната полиција и сојузните власти издвоија неколку милиони долари помош во вид на поддршка на земјоделскиот сектор.
Од друга страна, иглите се појавија и во Сиднеј, но во банани и јаболка. Приведен е и малолетник од Сиднеј, бидејќи, исто така, ставал игли во јагоди. Малолетникот рекол дека тоа го сторил за да се пошегува.