Senada Ibraimova
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Градот Скопје, денес, 18. пат по ред го одбележува Денот на дрвото под мотото „Ден на дрвото – Засади ја својата иднина“, со акција за садење дрвја во парк во општина Аеродром, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски во својата изјава за медиумите рече дека континуирано се пошумува во десетте општини, а во општина Аеродром до пролетта ќе бидат засадени вкупно 50 илјади дрвја, додека пак во урбаниот дел на градот, 256 илјади дрвја. Тој додаде дека град Скопје во оваа акција учествува со 10 – 12 илјади садници, додека останатиот дел од садниците го обезбедува пртпријатието „Македонски шуми“.
„Придонесуваме за зголемување на зеленилото во градот Скопје и во Република Македонија. Инаку градот Скопје перманентно работи на подигањето зелени површини, а исто така и во пролетните и во есенските денови на засадувањето дрвја долж булеварите на градот Скопје и во парковите“, изјави Трајановски.
Директорот на „Македонски шуми“, Жарко Караџовски нагласи дека моментално се сади на 165 локации, а фокусот е ставен на урбаните средини и на обиколницата во Скопје, каде што во план е да се засадат 650 илјади садници од вкупно милион, кои ги обезбедува „Македонски шуми“.
Тој додаде дека на останатите локации на ниво на Република Македонија, претпријатието „Македонски шуми“ обезбеди 2 милиони 600 садници и истакна: „Сите садници ги обезбедува „Македонски шуми“ од своето редовно производство, значи нема јавна набавка, тоа е наше производство, кое почнува од семе, па сѐ до садница, од едногодишни, па до четиригодишни садници“.
На денешната акција на ниво на целата република, за пошумување ќе се користат црн и бел бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрека, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев.
Акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ почна во 2008 година и во првите четири години, до 2011, се спроведуваше во две сезони – напролет и наесен. Во последните пет години, пак, пошумувањето се извршува само наесен.
Во досегашните 16 акции се пошумени речиси 13.000 хектари, со над 35 милиони садници. Најдобар беше ефектот во 2009 година, кога во две акции на речиси 4.000 хектари беа засадени повеќе од 7.900.000 садници.