Coşkun Ergül
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - ЏОШКУН ЕРГУЛ -
На парламентарните избори, одржани минатата недела во Турција, во новиот состав на Големото национално собрание, избран е најголем број жени во историјата на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Според прелиминарните резултати на парламентарните избори во Турција, вкупно 103 жени влегоа во 27. состав на Парламентот, кој брои вкупно 600 пратенички места.
Застапеноста на жените во турскиот Парламент е 17,1 отсто, а во претходниот состав на Парламентот, од 550 пратеници, 81 беа жени, што сочинуваше 14,7 отсто од бројот на сите пратеници во Парламентот.

Турција административно е поделена на 81 област, од кои се избираат претставници во Парламентот, а 48 од овие област во следниот состав имаат и жени како пратенички.
Најголем број претставнички во Парламентот даде владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti), која во идниот Парламент ќе има вкупно 295 члена, вклучувајќи 53 жени. Тоа е 17,9 проценти застапеност на жените во партискиот клуб на пратеници, кој во претходниот состав изнесуваше 11 проценти.
Народната демократска партија (HDP), меѓу 67 претставници има 25 жени. Оваа партија е рекордер во Парламентот, со 37 проценти застапеност на жените во пратеничките клупи. Треба да се додаде дека ова е сепак 2 процента помала застапеност од бројот на жени од оваа партија во претходниот мандат.
Најсилната опозициска Републиканска народна партија (CHP), има 18 жени од вкупно 147 члена, што претставува 12,2 проценти. Во претходниот мандат, оваа застапеност изнесуваше 15,5 отсто.
Партијата на Националното движење (MHP), меѓу 49 претставници има 5 жени, што претставува 10 проценти. Во претходниот мандат, застапеноста изнесуваше 7,5 отсто.
Најмалку жени во Парламентот на Турција, само 3 меѓу 43 пратеници, има партијата ИЈИ (IYI), на чие чело е жена, Мерал Aкшенер, која беше претседателски кандидат на претседателските избори одржани во неделата.
Двајцата најмлади пратеници во новиот состав на турскиот Парламент се исто така жени, и тоа 22-годишната Румејса Кадак од Истанбул (AK Parti) и Дерсим Даг од Дијарбакир (HDP).
За разлика од новиот состав што е прв во историјата на турскиот Парламент со повеќе од 100 жени, најмалата застапеност на поубавиот пол беше во 1950 и 1961 година, кога по изборите во парламентарните клупи седеа само по 3 жени.
Застапеноста на жените во турскиот Парламент постојано се зголемуваше од изборите во 2007 година, кога изнесуваше 9 проценти.