Adsız Günebakan
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
АНКАРА
Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО, приведени се најмалку 115 лица кои се осомничени за поврзаност со организацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителите во турската западна област Измир издадоа налози за приведување на 25 осомничени лица, од кои 22 се приведени во истовремени операции во градот.
Во црноморската област Самсун се приведени четворица припадници на ФЕТО.
Во турската област Ескишекир во централна Анадолија се приведени најмалку осуммина бегалци поврзани со ФЕТО. Тие се осудени на 7,5 години затворска казна.
Одделно, обвинителите во источната турска област Газиантеп издадоа налози за приведување на 121 осомничен, вклучително и војници на должност. Дури 81 од нив се приведени во антитерористички операции во 32 турски градови.
Обвинителите во Истанбул исто така издадоа налози за приведување на 46 осомничени лица, вклучувајќи војници на должност и отпуштени војници. Полицијата спроведува операции во 21 турска област за да ги фати осомничените.
Во меѓувреме, Турскиот совет на судии и обвинители (ХСК) разреши 13 судии и обвинители поради сомнеж дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Инаку, терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), го организираа неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а повредени беа 2.734 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на своите приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.