Ayhan Şimşek
02 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
БЕРЛИН (АА) - Христијанско-демократската унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот коалициски партнер, Христијанско-социјалната унија (CSU), денес ќе се состанат во Берлин, во последен обид за зачувување на коалиционата влада“, истакнаа партиски претставници, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на Христијанско-социјалната унија (CSU) и министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, кој се залагаше за антиимигрантска агенда, синоќа упати закани дека ќе се повлече од Владата, но подоцна објави тридневен краен рок за компромис со ЦДУ.
Инсистирањето на Зехофер во однос на контроверзниот „план за миграции“ ја загрози иднината на децениското долго партнерство со ЦДУ, и иднината на коалициската влада предводена од Меркел.
Планот предвидува одбивање на барателите на азил на границата на Германија ако тие влегле во ЕУ од друга земја членка и првин се регистрирале таму, или, доколу тие веќе аплицирале за азил и биле одбиени.
Меркел досега се спротивставуваше на планот на Зехофер и тврдеше дека унилатералните потези би имале „домино ефект“, што ќе ги поттикне другите земји членки на ЕУ да ги одбиваат бегалците и да ги поткопаат нејзините напори за широката политика за азил во ЕУ.
Канцеларката успеа да постигне договор на самитот на лидерите на ЕУ минатата недела, во кој се предвидува поставување „миграциски кампови“ во и надвор од ЕУ, каде што барателите на азил ќе бидат принудени да останат додека нивните апликации се разгледуваат од страна на властите.
Според договорот, земјите членки на ЕУ ќе примаат бегалци од овие кампови на доброволна база.
Зехофер го критикуваше исходот од самитот на ЕУ и тврдеше дека овие мерки ќе бидат неефикасни во задржувањето на протокот на мигранти кои влегуваат во земјата преку нелегални патишта.
ЦСУ, на која ѝ претстојат регионални избори во Баварија во октомври, неодамна ги заостри критиките кон политиката на Меркел на отворени врати за бегалците и тврдеше дека Германија не треба да ги чека другите земји членки на ЕУ туку да продолжи со унилатералните мерки за запирање на нелегалната миграција.
Германија прими над еден милион бегалци во последните три години, најголем дел од Сирија и од Ирак.
Одлуката на Меркел во 2015 година за отворање на вратите за бегалците што бегаат од конфликти и прогон беше широко критикувана од страна на конзервативците, и беше искористена од крајнодесничарските и популистички партии.
ЦДУ и нејзината сестринска партија ЦСУ претрпеа тешки загуби на федералните избори во земјата минатата година, додека крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) постигна рекорден резултат и за првпат влезе во Парламентот.
Моментално, Христијанско-демократската унија (CDU), нејзината сестринска Христијанско-социјална унија (CSU) и нивниот коалициски партнер, Социјалдемократската партија (SPD), имаат 399 места во германскиот Парламент, кој брои вкупно 709 места. Двесте пратеници на Христијанско-демократската унија (CDU) и 46-те пратеници на Христијанско-социјалната унија (CSU) имаат заедничка парламентарна група.