Ayhan Şimşek
16 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
БЕРЛИН (АА) - Германија денес ја повика Велика Британија да го разјасни својот став за Брегзит, откако британскиот Парламент со големо мнозинство го одби договорот за Брегзит, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Немаме преостанато време и времето за играње игри е завршено“, изјави германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, за радиото „Дојчландфунк“ (Deutschlandfunk).
Тој истакна дека британските пратеници го отфрлиле договорот меѓу британската премиерка Тереза Меј и ЕУ, но дека не понудиле одредена нова визија.
„Навистина не беше јасно вчера што сакаат пратениците во Лондон“, изјави тој и нагласи дека ЕУ сега прво ќе чека на резултатот од гласањето за доверба на Меј во Парламентот и на новиот предлог на британската премиерка.
Запрашан дали ЕУ може да го одложи крајниот рок (29 март 2019 година) за излез на Велика Британија од блокот, Мас нагласи дека тоа е прашање за кое најпрво мора да одлучи Британија.
„Доколку постои такво барање, ќе го разгледаме на многу конструктивен начин“, изјави тој.
Британскиот Парламент го отфрли договорот што го постигна премиерката Тереза Меј со ЕУ за излез на Велика Британија од Унијата (Брегзит). На историското гласање, за договорот за Брегзит гласаа 202, а против беа 432 британски пратеници.
Во меѓувреме, лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, по гласањето веднаш побара гласање за доверба на Владата на премиерката Меј.