Ivana Ramadanova
28 Декември 2015•Ажурирај: 30 Декември 2015
СКОПЈЕ АА - Над илјада граѓани од Скопје, Битола и Тетово вечерва излегоа на протести пред Владата да го изразат својот револт поради загадувањето на воздухот во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Здружените иницијативи, организации и граѓани побараа конкретни итни мерки кои надлежните институции (Владата на Република Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, градоначалниците на Град Скопје, Тетово, Битола и други општини, како и Центарот за управување со кризи) треба да ги превземат во оваа алармантна состојба со која се соочуваме. Воедно посочија и системски, среднорочни и долгорочни решенија кои треба да се преземат со цел намалување на загадувањето на воздухот.
"Ние денеска од Тетово им одговоривме на повикот на Скопјани и Битолчани да протестираме против оваа влада која им дозволува на загадувачите да работат без било какви еколошки стандарди" рече Арианит Џафери, претседател на "Еко Горила".
Горјан Јовановски, програмерот чија апликација „Мој воздух“ ја користат повеќе од 30 000 граѓани посочи дека е задоволен бидејќи се буди свеста за аерозагадувањето.
„Во Скопје по 15 часот се зголемува аерозагадувањето, а се намалува во вечерните часови. Луѓето не го прават тоа бидејќи сакаат, туку немаат средства за греење. Неквалитетните увезени возила и фабриките придонесоа загадувањето да биде енормно. Барам дел од буџетот кој е наменет за барокни згради и бродови да биде за субвенции за сиромашни семејства за греење и гасификација“, истакна Јовановски.
Во услови на загаденост на воздухот на ниво на елементарна непогода, според организаторите на протестот, Владата треба повеќе да спроведува мерки, а помалку да испорачува препораки. Тие побараа мерките да се спроведуваат по поминати 24 часа со надгранично загадување на воздухот, а не по десет последователни дена, потстеувајќи ја Владата дека мора итно да престане со сеча на зелените површини во урбаните средини, а за досегашното уништување на животната средина да поднесе одговорност пред јавноста и според законот.
Орагнизаторите порачаа неколку мерки кои се однесуваат на повеќе сектори а кои според нив ќе го намалат загадувањето на воздухот. За секторот сообраќај се препорачува да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа, во секторот индустрија привремена забрана за работа на индустријата (со А и Б интегрирани дозволи) и воведување времен прекин во деновите со зголемено загадување како и целосна транспарентност во известувањето до граѓаните за надзорот, за секторот градежништво задолжителна примена за мерките за заштита од емисии на прашина за сите објекти и редовна инспекција и уште многу други.