Furkan Abdula
14 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Знамињата пред Владата на Република Северна Македонија се спуштени на половина копје поради прогласување денови на жалост на 14 и 15 февруари 2019 година за загинатите во вчерашната сообраќајна несреќа во која животот го загубија најмалку 14 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Државните знамиња пред Владата, по улиците низ Скопје, како и пред странските дипломатски претставништва се спуштени на половина копје во знак на деновите на жалост за жртвите во несреќата која вчера се случи на Автопатот Скопје - Тетово, во која смртно настрадаа најмалку 14 лица, додека над 30 лица се повредени.
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вчера, во изјава за медиумите, по одржаната вонредна владина седница по повод сообраќајната несреќа, истакна дека Владата донела одлука со која 14 и 15 февруари се прогласени за денови на жалост.
Според соопштеното, во Гостивар, од каде што се најголемиот број од жртвите, е прогласена тридневна жалост.
Од друга страна, во соопштението на Собранието на Република Северна Македонија, се изразува длабоко сочувство за загубата на животите во вчерашната несреќа.
Сите културни и забавни активности, како и бројни други активности кои биле планирани да се одржат денеска, се откажани.
Потсетуваме, патнички автобус вчера излета од Автопатот Скопје - Тетово и се преврте во близина на селото Ласкарци на излезот од Скопје кон Тетово.