İlkay Güder,Sinan Uslu
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, го повтори ставот дека Турција го поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на Ирак, и предупреди на неопходноста на борбата против структурата на терористичката организација ПКК во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во претседателската палата во Анкара се состана со премиерот на Ирак, Хајдар ал-Абади, а по средбата, тој ги пофали ирачките власти за успешното ослободување на речиси сите градови кои ги контролираа терористите на ДЕАШ.
„Исто така, знаеме дека во Ирак постојат структури на терористичката организација ПКК. Станува збор за присуство на ПКК во региони како Кандил и Синџар. Турција е подготвена и тука сме за во соработка, заедно да ја водиме борбата против терористичките елементи“, порача Ердоган.
Тој истакна дека денешниот состанок во Анкара е добра можност да се погледне во сите аспекти за можната идна соработка меѓу Турција и Ирак во различни области, и рече дека постои незадоволство поради кризата предизвикана од неодамнешното одржување на нелегитимниот референдум за независност на Регионалната курдска управа на северот на Ирак.
„Нашиот став не се промени. Турција го поддржува интегритетот на Ирак, и тоа ќе продолжи да биде така. За нас, овој референдум е неприфатлив и ние моравме да воведеме некои санкции, бидејќи и по нашите предупредувања, немаше позитивен развој. Убеден сум дека дојдовме до позитивен исход со чекорите што Турција, Ирак и Иран заеднички ги договорија“, рече Ердоган.
Ердоган, исто така, посочи дека Турција и Ирак ја делат истата цивилизација и порача дека ќе продолжи да ги развива добрососедските и братските односи.
Тој истакна дека Турција ќе стори сѐ за да се воспостави мир и стабилност и ќе биде подготвена на секој начин да ја поддржи обновата на Ирак, кој беше уништен во изминатите судири.