Ayşe Şensoy Boztepe
07 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека турските сили во продолжение на операцијата „Маслинова гранка“ во сирискиот регион на Африн, денес неутрализирале најмалку 20 терористи, со што бројот на вкупно неутрализираните терористи од почетокот на операцијата, е зголемен на 2.960, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес присуствуваше на собирот, кој во Анкара, по повод Меѓународниот ден на жената, го организира синдикатот „Hak-Is“, а претходно се обрати на илјадници граѓани, кои се собраа да го поздрават.
„Вие сте причина за нашето постоење и градители на нашата иднина“, порача Ердоган и додаде дека човекот и жената во верата и цивилизацијата се два дела на една целина.
Турскиот претседател Ердоган, исто така, потсети дека наредната година е многу важна изборна година во која од нивната земја, мажите и жените заедно ќе му пратат силна порака на светот.
Укажувајќи на важноста на единството и братството во Турција, Ердоган изјави дека операцијата „Маслинова гранка“ е показател колку големи работи можат да се постигнат, ако постојат тие фактори во општеството.
„Пред малку ги добив последните бројки, фала му на Бога, уште малку терористи останаа. Со денешните 20, досега се неутрализирани вкупно 2.960 терористи. Со Божја помош, до вечер ќе бидат над 3.000. Не жалејќи се на камен и планина, нашите храбри војници одат напред. Ќе ставиме под контрола 2.000 км2 во Африн, токму како што претходно тоа го направивме во Ер-Раи, Џарабулус и Ал Баб. Досега воспоставивме контрола на 720 км2, и сакаме што побрзо да овозможиме во своите домови да се вратат нашите браќа, кои побегнаа од Африн. Така и во Џарабулус се вратија 140.000 наши браќа“, изјави Ердоган.
Нагласувајќи дека турскиот народ не е окупатор, туку хуманист, Ердоган изјави дека Турците се припадници на религија на милосрдие и добрина во која нема место за зло.
„Ние сме секогаш на страна на угнетените и обесправените, токму како што беа и нашите предци. Зарем од потомците на предците, кои праќаа војска да спаси еден човек на Индискиот Океан, може да се очекува зло. Ние одиме да ги спасиме загрозените луѓе во земјата во која на чело е злосторникот Асад, кој спроведува државен терор. Со Божја помош, и неговиот крај ќе дојде наскоро. Ние сме задолжени да се бориме, а победата му припаѓа на Бога“, порача Ердоган.
Потсетувајќи дека на загинатите херои им припаѓа највисокиот степен со Божјите пратеници, Ердоган изјави дека нивната крв нема да биде залудно пролиена.
Ердоган, исто така, истакна дека Турција денес е силна и стабилна и дека ќе се спротивстави на сите обиди за дестабилизација.
„Го продолжуваме својот пат со сигурни чекори. Чувајте го единството и заедништвото и плодовите ќе бидат богати. Најважно е да ги почитуваме нашите мајки. Знам добро што е мајчинска љубов, затоа вечерва немојте да заборавите да ги бакнете нозете на своите мајки кога ќе се вратите дома“, порача Ердоган.