Sorwar Alam
07 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес го осуди палењето на турското знаме за време на демонстрациите во главниот град на Грција, Атина, нарекувајќи го ваквиот чин неприфатлив, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на заедничката прес-конференција со премиерот на Турската Република Северен Кипар, Туфан Ерхурман, во Анкара, Јилдирим изјави: „Навредувањето на знамето значи навредување на земјата. Нема ништо прифатливо во врска со овој случај“.
„Нашето знаме со ѕвезда и месечина е нашата гордост. Ќе ја жртвуваме нашата душа за ова знаме и можеме да ги мобилизираме сите наши ресурси за тоа“, додаде тој.
Турското знаме беше запалено во понеделникот за време на демонстрациите против Турција, организирани во Атина од страна на расистичката политичка партија.
Денес турскиот министер за надворешни работи, исто така, го осуди ваквиот грозоморен инцидент односно палењето на турското знаме, барајќи од грчките власти да ги уапсат сторителите што е можно побрзо.
- Извлекување на подземните природни ресурси од островот Кипар -
Турскиот премиер изјави дека министрите на Република Турција и на Турската Република Северен Кипар за време на нивниот состанок во Анкара, дискутирале за блиска соработка меѓу Турција и Северен Кипар, како и за прашањето за Кипар.
Јилдирим изјави дека ниту Турција, ниту Северен Кипар нема да прифатат какви било еднострани иницијативи во однос на природните ресурси околу островот.
„Сите видови природни богатства и јаглеводородни ресурси околу островот Кипар се заедничко богатство на сите луѓе што живеат на островот, вклучувајќи го и Северен и Јужен Кипар“, рече тој, осврнувајќи се на кипарските Турци и кипарските Грци.
„Едностраните активности околу островот никогаш нема да бидат добредојдени од страна на Турција. И Турската Република Северен Кипар не го одобрува тоа“, додаде Јилдирим.
Тој нагласи дека луѓето од двете страни на спорниот остров треба да бидат вклучени во каква било активност што се однесува на извлекувањето подземни ресурси надвор од Кипар.
„Ние ја сметаме секоја активност за која двете страни не се согласуваат како закана и обид за прекршување на суверените права на Северен Кипар“, изјави турскиот премиер.
Источномедитеранскиот остров е поделен во 1974 година, по државниот удар на кипарските Грци кој беше проследен со насилство против Турците на островот и интервенцијата на Анкара како гарант.
Турција ги обвини кипарските Грци за непопустливост откако последната мировна иницијатива во Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија пропадна во јули 2017 година.
Турција, исто така, ја наведе непопустливоста на кипарските Грци, како причина за неуспехот на разговорите, а ја критикуваше и Европската Унија за прифаќањето на Кипар како поделен остров на референдумот во 2004 година, откако гласачите на кипарските Грци го отфрлија мировниот договор.
Во врска со приведувањето на двајцата грчки војници кои минатата недела ја преминаа границата на Турција, Јилдирим изјави дека легалниот процес е во тек и дека турското судство ќе ја стори потребната работа.
Тој, исто така, ги осуди грчките иницијативи за решавање на проблемот со Европската Унија.
„Стана навика секое прашање поврзано со Турција да биде поднесено до ЕУ за добивање поддршка од нив. Ваквите и слични нови иницијативи, не влијаат за напредување на нашите односи со ЕУ, ниту пак ги повлекуваат надолу“, вели Јилдирим.
Двајцата грчки војници, потполковник Агелос Митретодис и наредник Димитрос Куклацис беа притворени на 2 март откако „ненамерно“ ја преминале границата на северозападна Турција.
Според изјавата на војниците, тие се загубиле поради лошите временски услови и подоцна наишле на локални патролни единици на Турција.
Безбедносни извори изјавија дека грчките војници се соочиле со обвиненија за шпионажа и праќање податоци од нивните смартфони до пртепоставените лица.