Meltem Öztürk
23 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција и претседател на владејачката АК Партија, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги било планирано, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во своето обраќање во Клубот на пратеници од Партијата на правдата и развојот (AK Parti), се осврна на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој исчезна откако на 2 октомври влезе во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Турскиот претседател изјави дека убиството на саудискиот новинар Кашоги било планирано, и дека сигурно е дека Џамал Кашоги не го напуштил Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Ердоган убиството го нарече „политичко“, и рече, доколку има партнери во злосторството од други земји, тие да бидат опфатени со истрагата.
Ердоган нагласи дека саудиските тимови направиле истражувања во Белградската Шума во Истанбул и областа Јалова пред да го убијат Кашоги.
„Мораме да бараме одговори за некои работи. Овој случај се случува во Истанбул“, додаде тој. „Досега откриените информации и докази покажуваат дека Џамал Кашоги е жртва на едно сурово убиство. Нема да молчиме за тоа убиство. Ги чекавме резултатите од истрагата за никого да не го осомничиме погрешно“, рече Ердоган, повикувајќи 18-те осомничени лица да се соочат со судење во врска со случајот за убиството на Кашоги во Истанбул.
Ердоган истакна дека обидите за заговор против репутацијата на Турција на меѓународните медиуми не ги спречиле и нема да ги спречат во потрагата по факти.
„(Убиството на Кашоги) Администрацијата на Саудиска Арабија признавајќи дека е убиен, направи значаен чекор. Од сега натаму, од нив очекуваме со искреност да ги откријат сите одговорни лица и да ги казнат пред законот“, нагласи Ердоган, додавајќи дека обвинувањето само на некои безбедносни и разузнавачки службеници за случајот не ги задоволува ниту нив, ниту меѓународната заедница.
Турскиот претседател Ердоган рече дека Виенската конвенција најверојатно ќе биде ставена на маса, и дека Конвенцијата нема да дозволи такво сурово убиство во зграда на Конзулат.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај. Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на таа земја во Истанбул.