Sultan Çoğalan
23 Јули 2016•Ажурирај: 24 Јули 2016
АНКАРА (AA) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во врска со спроведувањето на истрагата по обидот за државен удар во Турција (од страна на терористичката оранизација ФЕТО/ПДЈ) изјави дека во тек е чистењето на земјата од сите валкани и терористички структури, како и дека доколку не се исчистат, за тоа може да се плати висока цена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во интервјуто за француската телевизија Франс 24 одговараше на прашањата на новинарите во врска со обидот за државен удар на 15 јули, кој го изведе терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, но и за спроведувањето на истага по обидот за пуч.
Во врска со вчерашниот состанок со шефот на Националната служба за разузнавање (МИТ), од страна на новинарите беше поставено прашањето дали тоа значи дека тој поднел оставка или ќе бидат преземени некои санкци.
Ердоган одговори дека моментално не е донесена каква било одлука, ниту за шефот на разузнавачката служба, ниту за Генералштабот, ниту за командантите од другите одреди.
„Секако, донесувањето на ваквите одлуки, доколку ги донесеме, ќе го направиме заедно со премиерот, ќе процениме и ќе дадеме конечна одлука. Моментално сме во еден преоден период. Кај нас има една поговорка: ‘Коњот не се менува додека се поминува реката’. Ние сме во еден преоден период и работиме заедно со нашите луѓе“, рече Ердоган.
Рече дека, секако, треба јасно да се нагласи дека дојде до пропуст во разузнавањето и нагласи дека пропусти имало и за време на рушењето на Светскиот трговски центар во 2001 година, во САД, во текот на терористичките напади во Франција и во Белгија. Според неговите зборови, тогаш никој не прашал што направиле разузнавачките служби, ниту некој е разрешен. Во врска со спроведувањето на истрагата отворена по обидот за државен удар, на прашањето колку тоа би можело да трае, Ердоган рече дека моментално не е во можност да каже.
„Турција има 79 милиони жители. Ние сега сме во ситуација на чистење на земјата од валкани и терористички структури. Ако не ги исчистиме, за тоа можеме да платиме висока цена“, рече Ердоган. Истакна дека неговата земја моментално се бори со структурите што навлегле во рамките на државата во последните 40 години, како и дека тој проблем мора да се реши. „Тие се прошириле како метастази на ракот“, рече Ердоган.
Запрашан и за критиките на западните земји, Франција, Германија, ЕУ, комесарката Федерика Могерини во врска со преземените мерки во текот на вонредната состојба, како и истрагата во рамките на медиумите и образованието, Ердоган рече:
„Воопшто не гледам што зборуваат тие, ниту ме интересира многу. Она што го гледам, на пример, е дека во Франција е прогласена вонредна состојба на шест месеци, вонредна состојба во Белгија, во Фергусон. Сега е прогласена и вонредна состојба во Минхен, а загинаа шест лица. Пред малку ви зборував дека кај нас загинаа 246 лица, имаме 2.185 ранети. Ниту една од земјите што ги набројав не го доживеала она што го доживеавме ние. Никој од нив не е соочен со државен удар. Ова е отворен обид за удар на нашата земја, чекор кон уривање на нашата земја“. Ердоган истакна дека во рамките на преземањето на овие мерки, дури и медиумите што со пишување или визуелно го поддржале обидот за државен удар, во склад со правото и со законот ќе ја платат цената.
Претседателот Ердоган истакна дека многумина признаа дека добиваат директиви од Пенсилванија (од Фетулах Ѓулен). Тој исто така додаде:
„Тие одат толку далеку, што еден од оние кои за заложник го земале началникот на турскиот Генералштаб, рекол ‘можеме да ви овозможиме да се состанете со Фетулах Ѓулен’“.
„Ова за првпат го кажувам за Франс 24. Дали можеме сега овој процес да го оставиме настрана? Првин Могерини нека ги разгледа и нека се запознае со темата. Информациите првин нека ги земат од нас, а не од оние што се против турските власти“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.