A. Eda Ünlü Özen
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека владата на Германија, Белгија, Холандија и надругите европски земји им забранија на турските власти да учествуваат на протестите по повод одбележувањето на годишнината од обидот за државен удар во Турција, бидејќи тие земји не веруваат во своите идеи и се плашат од слободата на говорот и мислата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган се обрати пред странските инвеститори на собирот што во Анкара го организираше Унијата на турските комори и берзи (ТОББ), а во оваа пригода тој ги повика сите странски инвеститори да дојдат да инвестираат, и заедно со Турција да заработуваат. Тој вети дека турските институции на располагање ќе ги стават сите свои капацитети.
Собирот беше организиран во рамките на годишнината од обидот за воен удар од страна на терористичката организација ФЕТО, извршен на 15 јули минатата година, а Ердоган и во таа пригода им оддаде почит на хероите и им се заблагодари на жителите на Турција, кои храбро излегоа на улиците и ги спречија плановите на предавниците.
Ердоган ја коментираше одлуката на властите на Германија да го откажат гостопримството на турските министри кои имаа намера да учествуваат на собирите на турската дијаспора по повод годишнината од обидот за државен удар.
„На маргините на Самитот Г20 во Хамбург рековме: дозволете ни со своите сонародници да се собереме во некоја сала, не треба да биде во Хамбург, може да биде во кој било друг град. Тие не ни дозволија. Што се случи со слободата, зошто не ни е дозволено? Нека дојдат слободно и тие во Турција, ние ќе им го одобриме тоа. Вие знаете дека таква е Холандија, Белгија, сите тие, а тоа е затоа што тие се плашат од слободата на говорот. Не веруваат во своето мислење и се плашат од таа слобода. Ние веруваме во своето мислење и не се плашиме од таа слобода“, рече Ердоган.
Тој истакна дека ниту еден медиум не може да има неограничена слобода, и рече дека судот и законите постојат и за медиумите кои се обидуваат да предизвикаат немири во земјата, сеат лаги и ги злоупотребуваат сите видови на слобода.
„Никаде во светот нема неограничена слобода. Така е на Запад и таму се вршат таквите процеси. Ние знаеме што им прават на нашите невладини организации таму, а да одам уште подалеку, Западот го забранува говорот и на нашите министри во владата“, рече Ердоган.
Коментирајќи го неодамна одржаниот мирен протестен марш од Анкара до Истанбул, предводен од лидерот на турската опозиција, Кемал Киличдароглу, Ердоган рече дека владините сили обезбедија апсолутна безбедност на учесниците на собирот и оти е срамота некој да каже дека во Турција не постои сигурност и дека слободно не може да се протестира на улиците.
Тој потсети на вонредната состојба во Турција, која е воведена по обидот за државен удар минатата година, и рече дека оваа состојба се однесува само на ефикасната борба против тероризмот, а тоа не го загрозува начинот на живот на луѓето и економските активности, вклучувајќи го и влезот на странски инвестиции.
Критиките на сметка на вонредната состојба Ердоган ги оцени како неосновани и на критичарите им порача дека Турција сама ги поставува границите на вонредната состојба, и тоа нема да го прави во рамките што ги црта Западот.
„Се разбира дека ќе ја укинеме вонредната состојба, кога веќе нема да има потреба за борба против тероризмот. Процесот на борбите против ФЕТО веќе е видлив, а кон крај е борбата против терористичката ПКК. Па, можно е во не толку далечна иднина да се укине вонредната состојба, која веќе и онака во голема мера е ограничена во одредени области“, заклучи Ердоган.