Özcan Yıldırım
17 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи по својот пат после референдумот, без оглед на извештаите на ОБСЕ, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган им се обрати на илјадниците граѓани кои дојдоа пред претседателската палата за да честитаат за победата на вчерашниот референдум, и во таа пригода истакна дека според волјата на 25.2 милиони гласачи вчера во Турција беше прифатен предлогот за уставни реформи и дека со тоа заврши дебатата за ова прашање.
„Измените на Уставот кои се прифатени со најголем број на гласови во историјата на Турција, се во корист, и се за доброто на нашиот народ. Сега е време сите заедно да се свртиме кон иднината“, порача Ердоган.
Тој се осврна и на делегацијата на набљудувачи од Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и рече дека оваа организација би требало да го знае своето место.
„Во Европа постои една организација, ОБСЕ. Сега таа организација подготвува некој свој извештај за референдумот. Наместо да пишувате дека гласањето било вакво или онакво, знајте каде ви е местото и гледајте си ја вашата работа. Извештаите со политичка содржина што ги подготвувате ние нема да ги гледаме, ниту слушаме. Ние ќе продолжиме по својот пат“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека Европската Унија на влезната врата ја држи Република Турција веќе 54 години, Ердоган порача дека ќе седнат и ќе разговараат, но дека и по тоа прашање ќе се распише нов референдум во Турција.
„Велика Британија спроведе Брегзит и земјата ја напушта Европската Унија, чиј основач беше. Норвешка излезе. Кој има ингеренции за таа одлука, народот. И ние ќе го прашаме и ќе постапиме според волјата на народот. Или итно да ги исполнат дадените ветувања или ќе ги добијат резултатите. Оваа работа не може да продолжи на начин тие под рака да им даваат оружје и пари, и да им помагаат на терористите“, порача Ердоган.
Ердоган во таа пригода истакна дека Турција ќе ја продолжи одлучната борба против сите терористички организации во регионот.
„Нека знаат оние кои не се воздржуваат да ги изразат своите ставови против Турција и им помагаат на терористите во Сирија, дека Република Турција, без оглед на последиците, никогаш нема да дозволи делување и организирање на терористички структури на нејзините граници. Многу брзо ќе сфатат дека се измамиле оние кои помислија дека преку терористите кои ги користат како платеници може да ја загрозат оваа земја. Операцијата 'Штитот на Еуфрат' не беше нашата последена, туку првата спроведена операција“, рече турскиот претседател Ердоган.