Mehmet Tosun
21 Мај 2017•Ажурирај: 22 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, е избран на функцијата претседател на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti) на денешниот Трет вонреден конгрес на оваа партија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како единствен кандидат на Конгресот одржан во Анкара, Ердоган на позицијата претседател на партијата е избран со гласовите од 1.414 делегати.
Во своето обраќање пред присутните Ердоган истакна дека денешниот конгрес и неговото враќање на чело на партијата претставува нов почеток за партијата, за народот и за државата Турција, на патот кон развојот и просперитетот.
Турскиот претседател и, сега, претседател на Партијата АК, истакна дека во наредните месеци значително ќе бидат интензивирани активностите во борбата против тероризмот, како и зајакнување на економијата, на правата и слободите во Турција.
Тој најави дека до крајот на годината ќе бидат спроведени реформи во партијата, и ќе бидат разгледани новите потези на Владата на Република Турција.
„Во задачата да се служи на народот нема замор, да му се служи на народот е чест којашто ни припадна“, порача Ердоган.
Откако ја основа во 2001 година, Реџеп Таип Ердоган од чело на партијата отстапи на 27 август 2014 година, кога на првите претседателски избори беше избран за претседател на Турција.
Враќањето на Ердоган на чело на партијата по 998 дена е овозможено на референдумот на кој на 16 април, турските гласачи одобрија спроведување на уставните реформи со кои се предвидува воведување на претседателски систем и му овозможува на претседателот на државата активно членување во политичка партија.