Can Erözden
01 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изрази надеж дека неговата неодамнешна посета на Германија ќе ги подобри билатералните односи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Верувам дека нашатa посета на Германија ќе го зајакне турско-германското пријателство во секој поглед“, рече Ердоган во објава на Твитер.
Со цел подобрување на политичките и економските односи со Берлин, Ердоган престојуваше во тридневна посета на Германија од 27 до 29 септември.
Односите меѓу Анкара и Берлин претрпеа неколку неуспеси во изминатите години, но двете страни во последните месеци презедоа чекори за подобрување на односите.
„Ги оставаме зад себе болните услови од блиското минато со Германија“, истакна Ердоган.
Тој истакна дека Турција ја укина вонредната состојба по претседателските и парламентарните избори на 24-ти јуни во земјата.
Турција првпат прогласи вонредна состојба на 20 јули 2016 година, по неуспешниот обид за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени. Оттогаш беше продолжувана од властите.
Ердоган рече дека новиот претседателски систем во Турција го отвори патот за напредок на земјата. Тој нагласи дека реформите во поглед на процесот за членство на земјата во ЕУ ќе продолжат и дека Турција ќе ги исполни останатите шест критериуми за визна либерализација во најкус рок.
„Во однос на ова, ни значи поддршката на Германија за Турција“, рече тој.
Истакнувајќи дека Турција и Германија уживаат силни економски и трговски врски, Ердоган рече дека Турција сака понатаму да ги зајакне економските односи.
„Сакаме нашите германски пријатели да продолжат со довербата кон Турција, кон турската економија и иднината на нашата земја“, рече Ердоган.