Etem Geylan
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, разговараше со министерката за надворешни работи на Мјанмар, Аунг Сан Су Ќи, а главна тема на разговорот беа масакрите кои над муслиманското малцинство Рохинџа во Аракан ги прави мјанмарската војска и будистичките милитанти, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, за време на телефонскиот разговор со шефицата на дипломатијата на Мјанмар и државната министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, Су Ќи, истакна дека целиот исламски свет и меѓународната заедница се многу загрижени за сѐ поголемото прекршување на човековите права на муслиманите во Аракан.
Лидерите на Турција и на Мјанмар разменија мислења за актуелната ситуација и начинот на којшто може да се реши кризата, вклучувајќи го и прашањето за овозможувањето достава на хуманитарна помош до загрозените жители на Аракан.
Турскиот претседател Ердоган повтори дека Турција најостро ги осудува сите терористички активности, како и операциите против невините цивили, и изрази загриженост дека настаните во Мјанмар може да прераснат во хуманитарна криза од пошироки размери.
Тој, исто така порача дека Турција е подготвена да помогне во решавањето на проблемот, и нагласи дека треба да се внимава во тој процес да не се користи недозволена сила и да не се нанесува штета на цивилното население.
За кризата во Мјанмар, Ердоган претходно разговараше со голем број светски официјални лица, меѓу кои и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и со претседателот на Бангладеш, Абдул Хамид, а тоа го кажал ѝ на високата претсетавничка на Мјанмар, Су Ќи, за време на телефонскиот разговор.
Под изговор за борба против милитантни групи, војската на Мјанмар во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села, од кои десетици илјади мештани беа принудени да избегаат во соседниот Бангладеш.
Според последниот извештај на ОН, во Бангладеш до вчера влегле 73.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади чекаат да ја преминат границата.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на настрадани во нападите врз муслиманските населени места. Локалните невладини организации известуваат дека станува збор за илјадници убиени.