Diyar Güldoğan
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, по средбата со рускиот претседател, Владимир Путин, во Анкара изјави дека соработката меѓу Турција и Русија секој ден е сè посилна, јавува Anadolu Agency (AA).
„Соработката меѓу Турција и Русија секој ден е сè посилна. И на политичко ниво имаме хармонична работна атмосфера“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција по состанокот со својот руски колега во претседателската палата.
Тој нагласи дека двете земји имаат многу блиски економски односи во многу области. „Нашата трговска размена со Русија во првите 10 месеци од 2017 година забележа раст од 30 отсто“, истакна турскиот претседател, напоменувајќи дека договорот на Турција со Русија во врска со ракетниот систем S-400 ќе биде завршен веќе оваа недела.
„Нашите официјални претставници ќе се состанат оваа недела за да ја завршат работата“, рече Ердоган.
Тој истакна дека во текот на состанокот со Путин разговарале и за последните случувања во врска со Кудс, кој американскиот претседател Доналд Трамп во средата, 6 декември, го призна како главен град на Израел.
„Израел ги гледа последните случувања како можност за зголемување на притисокот и насилството врз Палестинците. Невозможно е некој што поседува совест, морал, принципи и вредности да ги игнорира овие убиства“, рече Ердоган и додаде дека Турција и Русија имаат слични ставови во врска со прашањето за Кудс.
„Увидовме дека со господинот Путин имаме слични ставови. Се согласивме да продолжиме со контактите во врска со ова прашање“, рече Ердоган.
Путин, кој допатува во еднодневна посета на Турција, во обраќањето пред новинарите истакна дека прашањето за Кудс мора да се реши со преговори меѓу Израел и Палестина.
„Статусот на Кудс мора да се разгледа во директни преговори меѓу Израел и Палестина“, рече рускиот претседател.
Ердоган и Путин се договорија наскоро повторно да се сретнат во Сочи, Русија.
По состанокот на двајцата претседатели во претседателската палата, и делегациите на двете земји одржаа билатерален состанок.
Инаку, ова беше осми по ред состанок на Ердоган и Путин во текот на 2017 година.