Hatice Şenses Kurukız,Halil İbrahim Başer
09 Ноември 2016•Ажурирано: 10 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул изјави дека Европската Унија треба да донесе конечна одлука кога станува збор за прашањето за членството на неговата земја во ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган зборуваше на свеченото отворање на 20. Меѓународен деловен форум во конгресниот центар ЦНР ЕКСПО во Истанбул, и се осврна на актуелните случувања.
„Турција во последните 14 години оствари историски успех, особено во областа на економијата. Во периодот од 2003 до 2015 година, нашиот просечен раст изнесуваше 4,7 отсто. Во последните три години, и покрај сите искушенија со кои сме соочени, растот на Турција беше многу поголем од светскиот просек“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека вистинската состојба на Република Турција не ја покажуваат ниту терористичките напади, ниту кризите во регионот, туку инвестициите и проектите.
„Турција оваа година се соочи со 15 јули, обидот за државен удар и со голем број терористички напади. ПКК, ПЈД, ЈПГ, ДЕАШ и ФЕТО – и покрај сите нив, Турција оствари голем број проекти и започна со остварување на нови“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на изјавите од Европската Унија (ЕУ) за тоа дека преговорите на Турција за членство во ЕУ треба повторно да се разгледаат.
„Без ни малку срам велат дека повторно треба да се разгледа процесот на преговори на Турција со ЕУ. Задоцнивте, што побрзо повторно разгледајте. Но немојте само да разгледувате, донесете и конечна одлука“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган запраша како е возможно ЕУ да ја прогласи ПКК за терористичка организација, а притоа на припадниците на таа иста терористичка организација да им ги отвори вратите и ходниците на Европскиот парламент.
Во врска со победата на Доналд Трамп, на претседателските избори во САД, Ердоган изјави:
„Во САД се одржани избори и демократите по два мандата им ја препуштија власта на републиканците. Се надевам дека оваа одлука на американскиот народ ќе биде причина за правење добри чекори, како во смисла на демократијата и основните права на слобода, така и во смисла на случувањата во нашиот регион. Во име на својот народ и во мое лично име, можам на американскиот народ да му посакам добра и успешна иднина“, изјави Ердоган.