Mohammad Sio
24 Ноември 2026•Ажурирано: 24 Ноември 2026
Израелскиот министер за наследство Амихај Елијаху употреби расистички навреди за арапските пратеници во Кнесетот, нарекувајќи ги „дивјаци“ и „јавачи на камили“ за време на парламентарна седница на која неколкумина пратеници протестираа поради неговите изјави, јавува Анадолу.
Министерот, кој е од екстремно десничарската партија Еврејска моќ, ги даде овие изјави вчера за време на расправата во Кнесетот за предлог за формирање комитет за борба против насилството во арапските заедници во Израел, според видеоснимките што се споделуваат.
Арапските државјани на Израел со години ги обвинуваат последователните израелски влади дека не преземаат мерки за сузбивање на криминалот и ширењето нелегално оружје во нивните градови и села.
„Вие дивјаци, јавачи на камили, треба да научите“, рече Елијаху.
„Вие ги урнавте кулите близначки, ја уништивте Европа“, додаде тој, осврнувајќи се на нападите во САД од 11 септември 2001 година.
Кнесетот има 120 пратеници, од кои 19 се Арапи.
Откако неколкумина арапски пратеници протестираа поради неговите изјави, Елијаху одговори: „Тоа не е наследно и не станува збор за раса, туку за образование.“
„Вашето образование треба да се поправи и треба повторно да се образувате, не само тука во земјата, туку и насекаде во светот“, рече тој.
Исто така, тој изјави: „Вие предизвикувате хаос каде и да одите. Ако не се смените, вашите деца ќе умрат.“
„Убивате во име на она што го нарекувате семејна чест, носите нелегално оружје и се однесувате како дивјаци“, додаде тој.
Одговарајќи на протестите на арапските пратеници, Елијаху рече: „Наместо да бидете неуки и неписмени јавачи на камили, научете нешто од западниот еврејски морал.“
Арапските државјани сочинуваат околу 21 процент од израелското население, кое брои повеќе од 10 милиони жители.
Тие повеќепати се пожалиле на поттикнување омраза, маргинализација, дискриминација и занемарување од страна на последователните израелски влади во политичката, економската и социјалната сфера, како и во остварувањето на граѓанските права.
- Досие со расистички изјави -
Елијаху и претходно давал изјави против Палестинците.
Во ноември 2023 година тој изјави дека фрлањето нуклеарна бомба врз Газа е една од можностите, тврдејќи дека во енклавата нема цивили што не се вмешани во конфликтот.
Во мај 2025 година повика на бомбардирање на складиштата за храна и гориво во Газа и изгладнување на Палестинците со цел да бидат принудени да заминат.
Следната година, за време на седница на Кнесетот, тој му рече на арапскиот пратеник Валид ал-Хавашла: „Ако не беше основана Државата Израел, Арапите сè уште ќе јаваа камили.“
Во јули 2026 година Елијаху за израелскиот јавен сервис КАН изјави дека крајна цел на Владата е „повторно да воспостави контрола врз Појасот Газа, вклучително и преку изградба на населби“.
Од октомври 2023 година во израелските напади врз Газа, кои палестинските власти ги квалификуваат како геноцид, убиени се повеќе од 74.000 Палестинци, а над 176.000 се повредени, повеќето од нив жени и деца.
И покрај прекинот на огнот објавен во октомври 2025 година, Израел продолжи со нападите врз енклавата и ги ограничуваше испораките на хуманитарна помош и материјали за засолништа.
Во Газа живеат околу 2,4 милиони Палестинци, меѓу кои и околу 2,15 милиони раселени лица, во услови на тешка хуманитарна криза.
Меѓународниот суд на правдата разгледува тужба поднесена од Јужноафриканската Република, во која Израел се обвинува за геноцид врз Палестинците во Газа. На постапката ѝ се придружија и неколку други земји.
Во ноември 2024 година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.