Hatice Şenses Kurukız
08 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истабнул изјави дека Ерусалим, како прва кибла (правец кон кој се насочуваат муслиманите при молитва) и како град на божјите пратеници, за сите муслимани претставува храм на честа и славата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Без изнаоѓање праведно решение на палестинското прашање не е можно да се воспостави мир и стабилност во регионот. Во овој контекст, важно е да се почитуваат меѓународните правни норми и одлуки. Никој и ниту една држава не се над правото, ниту пак тоа може да бидат. Меѓутоа, во случајот на палестинското прашање, веќе со години правото го водат оние кои се сметаат себеси дека се над него“, рече Ердоган во својот говор на отворањето на „Форумот на меѓународни фондации во Ерусалим“.
Тој истакна дека особено ги почитува и цени напорите на сите оние кои придонесуваат да се стави крај на неправдите и окупацијата во Ерусалим.
„Ја изразувам мојата почит кон сите, без оглед на религијата и нацијата, кои имаат совест и кои се борат за Ерусалим, како и кон оние кои вложуваат напори за ставање крај на неправдата и окупацијата на Палестина", рече Ердоган.
Тој нагласи дека Ерусалим е свет град за сите три монотеистички религии.
„Ерусалим е љубов. Ерусалим е копнеж. Ерусалим е столбот на човештвото и лек за душата", рече турскиот претседател, додавајќи дека Турција вложува големи напори Ерусалим повторно да стане град на мирот, благосостојбата и безбедноста.
Тој истакна дека неказнувањето на сторителите на насилството и злоделата дополнително ќе придонесе за пораст на нов бран на насилство.
„Токму тоа е причината што има сè повеќе злодела кои Израел ги извршил во Палестина. Обидите да се воспостави мир и стабилност во регионот се осудени на пропаст, додека, според меѓународното право, не се одговара за сторените убиства, масакри и насилство", рече Ердоган.
На крајот додаде дека е многу важно да се продолжи со поддршката на здруженијата и фондациите кои делуваат во Ерусалим со цел на тој начин да му се помогне на палестинскиот народ.
„Никогаш не смееме да заборавиме дека фондациите и здруженијата за младите, за старите, за сирачињата и лицата со хендикеп во окупираниот Ерусалим се единствениот спас. Храмовите, болниците, училиштата, сиропиталиштата, базарите и народните кујни само на овој начин можат да преживеат", рече Ердоган во своето обраќање пред присутните.
Тој истакна дека муслиманите треба почесто да го посетуваат Ерусалим и џамијата Ал-Акса.
„Најсилната поддршка која ќе им ја упатиме на нашите браќа во Ерусалим е посетаа на тој град“, рече Ердоган.