Husameddin Gina
16 Септември 2018•Ажурирај: 17 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Пеливанската традиција е богатство на нашата земја која ќе ја пренесеме со нас во Европската Унија, изјави премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на традиционалниот Турнир во борење кој се одржува под мотото „Традицијата продолжува“, во скопско Студеничани, јавува Anadolu Agency (AA).
Борачи-пеливани од различни земји, 200 на број, според возраста и тежината поделени во пет категории, пред стотици љубители на пеливанството денес ја презентираа вековната традиција на најдобар можен начин. На свеченоста, исто така беше презентирано и традиционално оро и традиционално јадење од скопската област Каршијака.

На настанот присуствуваше и премиерот на Македонија Зоран Заев, кој обраќајќи се пред илјадници љубители на пеливанското борење, истакна дека е задоволен од фактот што имаме ваква богата спортска традиција и дека е среќен што ваквата традиција ја афирмира земјата насекаде во Европа.
„Ние, граѓаните, исправени сме пред една сериозна одлука, имаме непропустлива шанса, конечно, каде и да одиме во Европа да се претставиме со сето ова наше културно богатство, спортска традиција која ја имаме, но и да бидеме рамо до рамо со сите развиени, демократски европски земји. Се радувам што од најмали нозе, младите ја негуваат традицијата пренесена од нашите татковци и дедовци, ја имаме по цела Македонија, и знам дека оваа традиција е наша должност да ја пренесуваме и на генерациите кои доаѓаат по нас“, истакна Заев.

Градоначалникот на општина Студеничани, Азем Садики, истакна дека боречкиот спорт е традиција во овој регион и дека се пренесува од генерации на генерации, ветувајќи дека ќе помогнат да се зачува оваа традиција и понатаму.
„Преку спортот и културата, ние не само што ја зачувуваме нашата традиција, туку ја афирмираме нашата земја секаде во светот“, рече Садики, кој се осврна и на референдумот кој ќе биде одржан на 30 септември, велејќи дека тоа е историска можност за членство на земјата во НАТО и во ЕУ, така што културните вредности ќе можат полесно да се презентираат во светот.

На денешниот традиционален Турнир, првото место го освои Серкан Угдулер од Турција, додека второто и третото место им припадна на пеливаните од Македонија, Орхан Имери и Самир Ибрахими.
На турнирот присуствуваа и голем број личности од јавниот, културниот и спортскиот живот од Скопје и пошироко. Меѓу присутните беше и светскиот олимписки шампион во борење, Шабан Трстена.