Admir Fazlagic
23 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул, оствари средби со грчкиот премиер Алексис ЦИпрас, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на Иванов, на средбата сo премиерот на Грција, Алексис Ципрас се разговараше на повеќе теми во контекст на билатералните односи, предизвиците од мигрантската криза, и актуелните политички и економски состојби во двете земји.
Во однос на билатералните односи двајцата соговорници ги поздравија напорите што се прават преку имплементацијата на мерките за градење на доверба и се заложија за почести контакти на високо и највисоко ниво. Во таа насока се разговараше за заеднички проекти за инфраструктурните поврзувања и прекуграничната соработка.
Соговорниците се согласија дека треба да се работи на унапредување на економските врски меѓу двете земји. Премиерот Ципрас извести за актуелните економски состојби во Република Грција, и предизвиците од мигрантската криза, стои во соопштението
Претседателот Иванов, на интерес на соговорникот, истакна дека политичкaта криза во Република Македонија трае предолго, дека е потребно што е можно побрзо да се стави крај на истата и дека единствениот начин за тоа е спроведување на фер и демократски избори.
Двајцата соговорници разменија мислења за бегалската и мигрантската криза особено за состојбата во бегалскиот камп Идомени и обидите за илегални премини во Република Македонија. Претседателот Иванов и премиерот Ципрас се согласија дека треба да се внимава како на хуманиот така и на безбедносниот аспект на кризата.