Admir Fazlagic
18 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Скопје го прими министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, на средбата било изразено задоволство од севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Унгарија кои, како што се наведува, ги карактеризираат искрено пријателство, взаемно разбирање и почит, како и надеж дека во наредниот период ќе се продлабочи започнатата активна соработка особено во сферата на економијата и трговската размена.
Претседателот на Република Македонија, Иванов, изразил благодарност за цврстата и континуирана поддршка која Република Македонија ја добива од Унгарија, како земја членка на НАТО и на Европската Унија, во однос на стратешките цели и евроатлантските интеграции на земјава.
„Залагањето, соработката и солидарноста која Унгарија ја рефлектира во однос на нашите аспирации во НАТО и во ЕУ, е пример како треба да изгледа односот на земјите - членки кон земјите - кандидати. Унгарија е една од најзначајните партнери и пријатели на Република Македонија и тој однос треба да се негува и да продолжи во иднина“, истакнал претседателот Иванов.
Во тој контекст, се наведува во соопштението, министерот Сијарто ја нагласил неопходноста од динамизирање на евроатлантските процеси на Република Македонија и ја повторил силната унгарска поддршка, за Република Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и да ги почне пристапните преговори со ЕУ час поскоро.
Претседателот Иванов ја истакнал конструктивната улога која Унгарија ја има во менаџирањето на бегалската и мигрантската криза, преку нејзината соработка и помош изразена во полициски сили и опрема со цел поефикасна заштита на нашата јужна граница, за што, во многу пригоди досега е искажана благодарност од македонска страна, информираат од претседателскиот кабинет.
Во рамките на посетата на Република Македонија, унгарскиот министер за надворешни работи се состана и со претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, со неговиот македонски колега Никола Димитров, како и со вицепремиерите Бујар Османи и Кочо Анѓушев.