Admir Fazlagic
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам празникот Курбан бајрам", пишува во честитката на македонскиот претседател Иванов во која тој наведува и дека одбележувањето на Курбан Бајрамот го крунисува аџилакот кој ја симболизира љубовта кон верата.
„На овој празник, верниците од исламска вероисповед принесувајќи жртва – курбан го прославуваат приближувањето на човекот кон Бога. Овој ден е присетување на Ибрахимовата подготвеност да го жртвува својот син како знак на покорност кон возвишениот. Одбележувањето на Курбан бајрам го крунисува и аџилакот кој ја симболизира љубовта кон верата, обединувањето, солидарноста и отвореноста."
„Муслиманите низ светот го слават „празникот на жртвата“ како ден кога благосостојбата ѝ подава рака на сиромаштијата, помагајќи и споделувајќи со фамилијата, пријателите и сиромасите, нагласувајќи ги сите човечки доблести", пишува македонскиот претседател Иванов, посакувајќи мир и благосостојба на сите верници од исламската вероисповед.
„Честитајќи Ви го празникот Вам и на сите верници од исламска вероисповед, Ви посакувам благосостојба и мир во Вашите домови и во домовите на Вашите блиски."