Ivana Ramadanova
15 Јули 2016•Ажурирај: 16 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Ница упати сочувство до претседателот на Француската Република, Франсоа Оланд, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со шок и огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Ница, во кој животот го загубија голем број невини лица и каде што има голем број повредени. Во овие тешки мигови на тага на пријателскиот народ на Француската Република, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување“, се вели во телеграмата.
Иванов во телеграмата вели дека Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади, и се солидаризира со Француската Република во борбата против тероризмот.
„Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили што преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки коишто генерациите зад нас истрајно ги создавале“, пишува во телеграмата од Иванов.