Admir Fazlagic
28 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Честитајќи го Меѓународниот ден на припадниците на бошњачката заедница во земјава, претседателот Иванов посака добро празнично расположение, среќа и успешно продолжување на заедничкото градење на иднината.
„Одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците во земјава е знак за афирмирање на јазикот, идентитетот, културата и културните особености на богатата бошњачка традиција. Почитувајќи ги етничките и религиските различности, негувајќи и надградувајќи ги меѓусебните односи, градиме модерна држава која ги штити интересите на своите граѓани. Оттука сметам дека заедничка е одговорноста за градење лојалност кон Република Македонија“, пишува во честитката.
Меѓу другото, во честитката претседателот Иванов го истакна исклучителниот придонес на Бошњаците во сите сфери од животот.
„Во оваа пригода сакам да го истакнам исклучителниот придонес на припадниците на бошњачката заедница во економскиот, културниот и општествениот живот во земјава“
„Негувајќи и афирмирајќи ги делата на нашите предци, чекориме кон заедничкиот развој и напредок. Овие вредности се клуч до успехот. Заедништвото и сплотеноста, без поделби, нè прават сложни и единствени. Затоа, да си споменеме дека само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата мисија за посреќна, побогата и просперитетна Македонија. Почитувањето на културата и обичаите на другите значи почит кон себе и кон својата држава“, напиша претседателот Иванов во својата честитка до припадниците на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.