Şenhan Bolelli
08 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - Неколку илјади демонстранти протестираа денес на улиците на Барселона, и со порака за единство на нацијата се спротиставија на идејата за отцепување на Каталонија од Шпанија, јавува Anadolu Agency (AA).
На покана на невладината организација „Societat Civil Catalan“, илјадници демонстранти излегоа денес на улиците на Барселона и марширајќи со знамиња на Шпанија, Каталонија и Европската Унија повикаа на почитување на Уставот, на единство на нацијата и соживот во Шпанија.

Протестите во Барселона беа поддржани од владејачките и опозициските шпански партии, како и од аталонските либерали „Ciudadanos“ (Сиудаданос).
На чело на протестниот марш беше шпанската министерка за здравство, Долорос Монсерат, поранешниот претседател на Европскиот парламент, Жозеп Борел, перуанскиот писател и добитник на Нобелова награда, Марио Варгас Љоса и други познати личности.
Денешниот собир во Барселона се смета за најмасовниот прошпански собир кој се одржа во Каталонија во последниве неколку години, а демонстрантите бараа апсење на лидерите кои се залагаат за отцепување на Каталонија.
Поддршка до демонстрантите преку Твитер упати и премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, кој вети дека интегритетот на Шпанија ќе биде зачуван.