Admir Fazlagic
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за јавно здравје на Република Македонија денеска соопшти дека во текот на изминатата недела се регистирани 63 нови случаи на заболени од грип, што е зголемување за 40 отсто во однос на претходната недела (од 16 до 22 октомври), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во објавениот извештај за состојбата за заболени од грип се истакнува дека во споредба со бројот на регистрирани случаи во 43-та недела од минатата сезона (43), се бележи зголемување од 46,5 отсто.
„Во оваа недела, пријавени се заболени лица од 9 извештајни единици. Најголем број на заболени се регистрирани во подрачна единица Гостивар – 36 заболени лица. Највисока инциденца исто така се бележи во подрачната единица Гостивар–30,1/100.000 жители, а најниска во центар за јавно здравје Прилеп (1,1/100.000)", се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во текот на оваа недела се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) -39 случаи (61,9%), а највисока инциденца (6,1/100.000) се регистрира кај лицата над 65 години, каде вкупно се пријавени 16 заболени лица.
Во сезоната 2017/2018 вкупниот број заболени од грип изнесува 123, што е за 28,1 отсто помалку споредено со истиот период минатата година кога било регистрирано 171 заболено лице.
Според пристигнатите извештаи од страна на центри за јавно здравје/подрачни единици, 25.171 лице се вакцинирани заклучно со изминатата недела (од 23 до 29 октомври) на територијата на Република Македонија, и се потрошени 89,9 отсто од вкупниот број набавени вакцини, информираат од Институтот за јавно здравје.