Bayram Altuğ
06 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Џоел Милман, соопшти дека околу 100.000 муслимани во араканскиот град Бутиданг чекаат да преминат во градот Кокс Базар во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата организирана во канцеларијата на ОН во Женева, беше соопштено дека од 25 август досега, поради насилствата во Мјанмар, 515.000 аракански муслимани пребегале во Бангладеш.
Портпаролот Милман рече дека според информациите добиени од екипите на ИОМ кои ја следат ситуацијата на границата помеѓу Бангладеш и Мјанмар, дневно околу 2.000 мигранти пристигнуваат во Кокс Базар.
Милман рече дека мигрантите кои пристинуваат во камповите заедно со своите деца се многу исцрпени и немаат понесено ништо со себе. Тој информираше дека според меѓународните набљудувачи, сѐ уште околу 100.000 муслимани во градот Бутиданг чекаат да преминат во градот Кокс Базар во Бангладеш.
Портпаролот Милман повтори дека ИОМ од меѓународната заедница побарала итно да обезбеди помош во висина од 120 милиони долари за араканските мигранти кои во последните 6 недели пребегаа во Бангладеш, истакнувајќи дека тие средства ќе бидат користени за помош на 450.000 мигранти во наредните 6 месеци.