Barış Seçkin
16 Март 2017•Ажурирај: 17 Март 2017
РИМ (АА) - Во јужна Италија еруптираше активниот вулкан Етна, при што полесно се повредени 10 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите објавени од страна на италијанската информативна агенција АНСА, Националниот институт за геофизика и вулканологија (INGV) информира дека во југоисточниот дел на островот Сицилија, на падината покрај активниот кратер на вулканот се отворил уште еден кратер. Ерупцијата се случи на надморска висина од 2.700 метри.
Големата ерупција се случи во утринските часови, при што се повредени 10 лица кои во тој момент се наоѓале на планината. Според првичните информации, повредените не се животно загрозени.
Во локалните болници се префрлени шестмина, кои се жалеле на повреди и модринки со кои се здобиле за време на ерупцијата.
Во медиумите протече веста дека повредените лица се туристи и членови на медиумската куќа „Би-би-си“, кои дошле во областа на вулканот со цел да направат репортажа.
Според информациите што доаѓаат од местото на настанот, одговорните од Националниот институт за геофизика и вулканологија информираат дека внимателно се следат активностите на вулканот Етна. Се вели дека нема застој на аеродромот „Фонтанароса“ во градот Катанија, а авионите слетуваат и полетуваат според закажаниот распоред.
Вулканот Етна последен пат еруптираше кон крајот на февруари, кога исфрлаше лава во период од три дена.