Said İbicioğlu
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ТРИПОЛИ (АА) - Претседателскиот совет на Владата за национално единство во Либија соопшти дека е постигнат договор за прекин на огнот во Триполи и дека сите вооружени сили ќе го напуштат градот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Претседателскиот совет, кое го пренесоа локалните медиуми, се истакнува дека е одржан состанок со цел да се стави крај на судирите во Триполи, меѓу силите на Советот за национално единство и Владата за национален спас. На состанокот ќе присуствуваат членот на Претседателскиот совет, министрите за одбрана и за внатрешни работи на Владата за национално единство, генералите од Триполи и Мисрата и претставниците на Владата за национален спас.
Во согласност со договорот, сите вооружени сили во рок од 30 дена ќе ги ослободат окупираните места и ќе го напуштат градот, а процесот ќе биде следен од комитетот што ќе го оформат министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
Покрај тоа, се истакнува кои бригади ќе се грижат за безбедноста на зградата на Министерството за внатрешни работи, патот во близина на аеродромот и за безбедноста на палатата за прием на гости.
Во судирите меѓу силите на двете влади, кои траеја два дена, убиени се три лица.
Специјалниот пратеник на ОН за Либија, Мартин Коблер, претходно изрази загриженост за судирите во Триполи и за опасностите за цивилите.