Alma Çekovic
10 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
ПАРИЗ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казенев изјави дека Британија има морална должност да ги прифати сите деца од бегалскиот камп „џунгла“ во градот Кале, северна Франција, во кој бегалците пристигнуваат со цел преку Евротунелот под каналот Ламанш да преминат на територијата на Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ја молиме Британија да ја преземе својата морална одговорност. Во Кале има повеќе стотици малолетници кои се без придружба од родител или старател и имаат семејства во Британија. Во процес сме на изработка на точни листи, и Британците треба да ги исполнат своите обврски. Ние нашето го исполнивме“, рече Казенев во интервјуто за радио РТЛ, во рамките на посетата на Лондон каде што планира да се сретне со британската колешка Амбер Руд.
Казенев минатата недела истакна дека во кампот „џунгла“ престојуваат околу 950 деца, од кои поголем дел се без придружба од родител или старател.
Активистите истакнуваат дека децата имаат свои семејства во Британија и би требало да им се овозможи да стигнат до нив.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, најави дека француската Влада до крајот на годината дефинитивно ќе го затвори бегалскиот камп во Кале, во кој моментално се сместени нешто помалку од 7.000 бегалци од Блискиот Исток и од Африка. Овие бегалци, кои сакаат да го продолжат патот до Велика Британија, ќе бидат префрлени во останатите прифатни центри низ Франција.