İlkay Güder
19 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на канцеларијата на турскиот претседател, Ибрахим Калин, изјави дека Турција најостро го осудува потегот на Соединетите Американски Држави (САД) во Советот за безбедност на ОН за ставање вето на усвојувањето на резолуцијата за Кудс, јавува Anadolu Agency (AA).
„На размислување тера тоа што американската администрација сѐ уште ја нема сфатено својата грешка и дека не се повлекла од спорната одлука за Куд, и покрај сите предупредувања на меѓународната заедница. Денес заседава Генералното собрание на ОН каде што ќе се разгледува прашањето за Кудс. Ние во тој период ќе продолжиме со нашите дипломатски активности“, порача Калин за време на своето обраќање на Симпозиумот на „Али Фуат Башгил“ во Анкара.
Калин рече дека е важно да се истакне оти во Советот за безбедност на ОН, за резолуцијата со која ОН би ја прогласиле за правно ништавна одлуката на САД за Кудс, гласаа 14 земји-членки, а само САД беа против.
Тој додаде дека синоќешното гласање во Советот за безбедност потврди дека САД останаа сами на идејата за промена на статусот на Кудс, и дека со остатокот од меѓународната заедница постои консензус околу ова прашање.
„Одлуката на Трамп за Кудс во основата е лоша, лоша и правно неоснована, но можеби и од тоа ќе произлезе нешто позитивно. Целиот свет повторно се потсети на палестинското прашање кое од 2011 година систематски се обидува да се фрли во заборав“, порача Калин.
Истакнувајќи дека членките на Советот за безбедност синоќа јасно се изјаснија дека нема да ги преместат своите амбасади од Тел Авив во Кудс, Калин рече дека така е потврдено оти одлуката на администрацијата на Трамп е ништовна.
Тој истакна дека денес во Генералното собрание на ОН и официјално ќе се изгласа одлуката против потегот на Трамп, и дека за тоа е потребно двотретинско мнозинство.
„Ние максимално се залагаме за тоа, и на тој начин сакаме да порачаме дека Кудс не е предмет што може да му се даде на Израел, дека тој не е на продажба и оти светоста на овој град не смее да се гази“, заклучи Калин.