Hatice Kesgin
28 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека „не ја почитува” одлуката на Уставниот суд, кој нареди ослободување на двајцата турски новинари обвинети за шпионажа, јавува Anadolu Agency (AA).
Џан Дундар и Ердем Ѓул, новинари од весникот "Cumhuriyet" , беа ослободени од затвор во петокот, по одлуката на Уставниот суд дека нивните права се прекршени. Тие беа уапсени минатата година под обвинение за шпионажа, обид за соборување на власта и поддршка на тероризмот.
„Молчам за одлуката на Уставниот суд, но не ја почитувам. По мое мислење, медиумите не треба да имаат неограничена слобода. Никаде во светот не постои апсолутна слобода на медиумите”, рече Ердоган.
Говорејќи на прес-конференција пред неговото заминување на официјална посета на западна Африка, турскиот претседател истакна дека тој секогаш ја поддржува слободата на говорот, посочувајќи дека спомнатиот случај нема никаква врска со слободата на говорот, туку дека станува збор за шпионажа.
Дундар, главниот и одговорен уредник на весникот "Cumhuriyet" и Ѓул, шефот на бирото во Анкара, беа уапсени во ноември минатата година, неколку месеци по објавувањето на фотографиите, на кои, како што беше наведено во весникот, се гледаат турски камиони како пренесуваат муниција наменета за бунтовниците во Сирија.