Ivana Ramadanova
13 Јануари 2016•Ажурирај: 14 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија Беким Незири денеска одржа прес-конференција по повод инвестицијата на водечката италијанска градежна компанија „Кондоте“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта, според министерот Незири е производство на струја од обновливи извори и Македонија на среден рок да добие електрична енергија поевтина од сегашната.
Според него, италијанската „Кондоте“ добива од државата т.н. фидинг-тарифи, како и останатите 64 концесионери во Македонија.
Инвестицијата на италијанската градежна компанија „Кондоте“ која гради четири мали хидроелектрани во Македонија ќе изнесува 19 милиони евра.
Според министерот за економија Беким Незири, електраната на Ештеричка река, над Пробиштип, е готова и ќе стартува со работа зимава. Другите три, од кои две на Зрновска река во Кочанско и една на Кадина река во Скопско, сè уште се во фаза од градба.
"Инвестицијата на „Кондоте“ ангажира многу локални компании што придонесе за развој на регионалната економија, но посебно радува фактот што иако компанијата влегува со само 19 милиони евра, претставува потенцијален инвеститор кој ќе продолжи да вложува во Македонија", истакна Незири.
Претседателот и сопственик на „Кондоте“ Дучо Асталди, на денешната прес-конференција изрази големо задоволство од соработката со македонските надлежни институции и партнерот „ИМПГ“ ДОО Скопје.
"Особено сме задоволни од рамката што ја изготви македонската Влада за странските инвеститори, нагласи Асталди, додавајќи дека „Кондоте“ е заинтересирана за натамошни инвестиции во земјава", рече Асталди.
Градежната компанија "Кондоте" од Италија е една од водечките компании во светот која има традиција од над 130 години и гради инфраструктурни проекти на сите континенти, остварувајќи годишен обрт од 1,2 милијарди евра. Таа на македонскиот пазар влезе во 2013 година.
Од ресорното министерство соопштија дека со менаџерскиот тим на „Кондоте“ се разговара и за евентуално влегување на компанијата во реализација на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, како и на патниот правец Скопје – Блаце.