Hasan Esen
22 Март 2016•Ажурирај: 22 Март 2016
БРИСЕЛ (АА) - Најмалку десет лица загинаа во експлозија на метро станицата Маелбек во Брисел, јавува Anadolu Agency (AA).
Белгиската државна телевизија ВТМ јави дека најмалку десет лица загинале во експлозија на метро станицата која се наоѓа на само 500 метри од зградата на институциите на Европската унија.
На бриселскиот аеродром Завентем, утринава околу 8:00 часот одекнаа две експлозии во кои според досегашните информации загинаа најмалку 13, а ранети се 35 лица. Кратко потоа одекна и експлозијата на метро станицата Маелбек.
По утринските експлозии на аеродромот во Брисел во цела Белгија безбедносниот аларм е подигнат на највисок, четврти степен.
Сите летови на аеродромот се сопрени или пренасочени. По налог на полицијата, железничкиот сообраќај во близина на аеродромот во Брисел исто така е сопрен. Засега не е позната причината за експлозиите.
Белгиската државна телевизија јави дека аеродромот е евакуиран и дека во него владее целосна конфузија меѓу патниците. Фотографиите и снимките на социјалните мрежи покажуваат чад од една од зградите на терминалот на аеродромот.
Европската комисија упати повик до своите службеници да останат во своите домови и да не доаѓаат на работа.