Ahmet Gürhan Kartal
25 Ноември 2018•Ажурирај: 26 Ноември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Долниот дом на британскиот Парламент за Договорот за повлекување од ЕУ и за политичката Декларација ќе гласа пред Божиќ, изјави денес британската премиерка Тереза Меј, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на прес-конференцијата во Брисел, Меј уште еднаш застана во одбрана на Договорот постигнат со ЕУ и рече дека тоа е единствениот можен договор.
Претходно, 27-те земји членки на ЕУ го одобрија Договорот за повлекување и политичката Декларација за идните односи помеѓу ЕУ и Велика Британија.
Меј истакна дека денешниот ден бил кулминација на еден долг и тежок процес, но и на почеток на „клучна национална дебата“, и додаде дека е уверена оти е постигнат најдобриот договор.
„Јавноста очекува Парламентот да гласа за Договорот. Повеќето граѓани во Обединетото Кралство сакаат да се заврши со Договорот и да продолжиме со појасно фокусирање на секојдневните прашања кои им се важни“, рече Меј.
- Гласање во Парламентот -
Сега пред членовите на Долниот дом на британскиот Парламент претстои многу турбулентен период, бидејќи во следните недели им претстои гласање за Договорот.
За гласањето веќе беше дебатирано, бидејќи деталите од Договорот за Брегзит беа објавени минатата недела од страна на британската Влада. Опозициските партии, Демократската унионистичка партија на Северна Ирска и одредени членови на Конзервативната партија на Меј - вклучувајќи го и поранешниот лидер на партијата, Иан Данкан Смит - рекоа дека нема да го поддржат Договорот.
Лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, истакна дека неговата партија ќе се спротивстави на Договорот за Брегзит на Меј во Парламентот, опишувајќи го како „мизерен неуспех на преговорите“.
Од друга страна, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, рече: „Целосно сум убеден дека ова е единствениот можен договор.“
Тој ги предупреди британските пратеници: „Оние кои мислат дека со отфрлање на Договорот ќе имаат подобар договор, ќе бидат разочарани во првите секунди по отфрлањето на овој Договор.“
Меј речиси сигурно ќе се соочи со ќор-сокак во Британија, бидејќи 40 пратеници сигнализираа дека ќе потегнат гласање за недоверба против неа, зашто сметаат дека таа нема да го донесе оној Брегзит за кој луѓето гласале.
- Меј во одбрана на Договорот -
Британската премиерка Тереза Меј истакна дека Договорот на земјата ќе ѝ даде имиграциски систем кој не се базира на тоа од каде доаѓаат луѓето, туку на нивните вештини и таленти.
Тој, според Меј, ќе стави крај на огромните годишни исплати испраќани во ЕУ и на јурисдикцијата на Европскиот суд на правдата во Обединетото Кралство.
„Обединетото Кралство ќе биде независна крајбрежна држава уште еднаш, со целосна суверена контрола на нашите води“, додаде Меј, бидејќи земјата целосно ќе ги напушти политиките за земјоделство и рибарство со ЕУ.
Таа, исто така, ја отфрли можноста за втор референдум во врска со Договорот.