Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
14 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ / ЕШРЕФ МУСА -
Бројот на жителите на Идлиб, северната сириска покраина, кои поради воздушните напади на авијацијата на силите на Башар ал Асад и неговите руски сојузници мораа да ги напушат своите домови, надмина 40.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Жителите на Идлиб бараат засолниште на местата каде што претходно турските сили поставиja набљудувачки позиции во рамките на договорот во Астана, со кој се предвидува Идлиб да биде зона без судир. Загрозените жители на Идлиб сметаат дека последната опција ќе биде масовна миграција во Европа.
Силите лојални на Башар ал Асад и нивниот сојузник, Русија, од 4 септември започнаа воздушни напади врз северна Хама и јужен и југозападен Идлиб, подрачја во зоните без судир.
Иако во последните три дена е намален интензитетот на нападите, жителите на оваа сириска покраина во страв од интензивни нови напади сè повеќе заминуваат во северниот дел на Идлиб, а бројот на оние што ги напуштија своите домови и дојдоа во ова подрачје достигна 40.000.
Според податоците на локалните организации во Идлиб, во последните 11 дена, од 127 различни локации, вкупно осум илјади семејства мигрираа во бегалските кампови во близина на границата со Турција и во другите места во северниот дел на покраината.
Цивилите кои се принудени да ги напуштаат своите домови престојуваат во близина на набљудувачкото место на Вооружените сили на Турција (ТСК), во плантажите со маслинки, во бегалските кампови или кај роднините.
Најмасовни миграции се забележани во Мадик, Хавиз, Баб ел Така, Кахир, Серија, Латамна, Кефер Зита и Хавија, на северниот дел на Хама, и во Субејка, Бурејса, Хувејнта, Тел Дема и Ел Хатиб во Идлиб.
- Можна миграција во Турција, а потоа во земјите на Европа -
Жител на Идлиб, Ахмед Сему, во изјава за АА рече дека се принудени да ги напуштат своите домови поради нападите во јужниот дел на покраината.
„Режимот од минатата недела со варварски авиони и артилерија удри на целото подрачје. Многу малку нè делеше од смртта. Тие што побегнаа сега престоуваат во плантажите со маслинки, под маслиновите стебла или во шатори“, изјави тој.
Напоменувајќи дека набљудувачките позиции на турската Војска не се на удар на нападите, Сему изјави дека жителите таму никако не сакаат да го напуштат својот крај.
„Ние не сакаме да заминеме од тука. Ќе биделе тука додека има и Турци“, изјави тој, осврнувајќи се на караулата на турските сили.
Зеаниф Хаџи од Идлиб изјави дека тамошните цивили не бараат храна или пивка вода, туку бараат конечно решавање на ситуацијата во неговата земја.
„Доколку нападите не престанат ќе бидеме принудени да мигрираме. Најпрво во Турција, а потоа во земјите на Европа. Помош и заштита бараме најпрво од Алах, а потоа од Турција“, изјави тој.
- Повик за прекин на нападите -
Халит Сајел од селото Тел Дем кај Идлиб, раскажа дека во нападите поголемиот дел од куќите во неговото село се урнати.
„Нашите села се на мета на бомбардирањето. Со семејството побегнав на ридот Сирман, каде што е стационирана караулата на турската Војска. Ова место нема да биде гаѓано. Од Турција бараме да стори сè за нападите да се спречат. Доколку престане бомбардирањето, ние ќе се вратиме во нашите домови, во нашите села. Тука немаме ни шатори. Престојуваме под маслинови крошни“, раскажа Сајел.
Идлиб е сириска покраина која се смета за најголема тврдина и енклава на сириската опозиција. Се работи за регион кој во рамките на мировниот процес во Астана е прогласен за зона без судир.
Речиси четири милиони жители на тој регион некое време стравуваат од нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Станува збор за регион од стратешко значење, во кој новите судири би предизвикале нов голем бран на бегалци кон Турција и Европа.