Ivana Ramadanova
25 Јули 2016•Ажурирано: 26 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - За време на работната посета на САД, во Њујорк во седиштето на ООН министерот Зоран Јолевски оствари работна посета на Одделот за мировни операции. Домаќин му беше потсекретарот на ООН и шеф на Одделот за мировни операции, Херве Ладсоус, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата со неговиот домаќин потсекретарот на ООН и шеф на Одделот за мировни операции Херве Ладсоус, соопшти денеска Министерството за одбрана на Република Македонија, министерот Јолевски го информирал дека во рамки на Министерството за одбрана се размислува за зголемување на учеството на АРМ во мировните операции и давање поголем придонес кон светскиот мир.
Ладсоус ја поздравил оваа иницијатива и ги понудил сите капацитети на Одделот за мировни операции на ООН на располагање како помош за Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана при планирањето, донесувањето на одлуките и во подготовките за распоредување македонски контингент во дел од постоечките мировни мисии на ООН.
Како што стои во соопштението, Јолевски разменил идеи околу регионалните иницијативи во доменот на мировните операции кои биле поддржани од страна на Ладосус.
Министерот Јолевски информирал дека Македонија од септември ќе биде домаќин на Штабот на Балканските медицински сили, како и за тоа дека е кандидат за седиште на штабот на SEEBRIG, бригадата на Југоисточна Европа.
„Двајцата соговорници ја завршија средбата со заклучок дека изнесените идеи имаат сериозен потенцијал за натамошно унапредување на соработката", се вели во денешното соопштение од Министерството за одбрана на Република Македонија.