Ekipa
15 Март 2016•Ажурирај: 16 Март 2016
ЈАНГУН (АА) - Членовите на парламентот на Мјанмар го избраа денес Хтин Кјав за прв цивилен претседател по повеќе од половина век, односно четири месеци откако партијата на мјанмарската демократска икона, Аунг Су Ќи, победи на општите избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Кјав е долгогодишен близок соработник со лидерката на Националната лига за демократија (NLD), која во ноември минатата година победи на изборите, со што бројот на нејзините пратеници преовладуваше во двата дома на мјанмарскиот парламент.
Тој освои 360 од 652 гласови од двата Дома на Парламентот, а со тоа му е овозможено да ја предводи земјата како застапник на добитничката на Нобеловата награда за мир, на која Уставот ѝ забранува да стане претседателка.
Су Ќи не може да биде претседателка на државата бидејќи според постоечкиот устав, кој по повеќедецениското владеење го донесе воената хунта, тоа не може да биде лице кое има роднински врски во странство. Покојниот сопруг на Аунг Сан Су Ќи беше Британец, а британско државјанство имаат и нејзините двајца синови.
„Ова е победа на народот”, изјави по денешното гласање Аунг Су Ќи.
Таа и претходно најави дека, доколку победи Националната лига за демократија (NLD), нејзината партија веќе има подготвен кандидат за претседател, а таа ќе „владее преку претседателот”.
Воениот кандидат Минт Зве и другите номинирани од редовите на НЛД, Хнери Ван Тио се избрани за прв, однодно за втор потпретседател.
Кјав ќе стане првиот челник на Мјанмар без воена позадина, по повеќе од 50 години.