Erbil Başay
11 Февруари 2022•Ажурирај: 12 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) ‒ Во Германија в недела ќе се одржат индиректни избори на кои Федералниот конгрес (Бундесверсамлунг) ќе го бира претседателот на земјата за наредните пет години, а фаворит е актуелниот лидер на државата, Франк-Валтер Штајнмаер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Функцијата претседател на Германија е од репрезентативен и церемонијален карактер, а ја бираат членовите на сојузниот парламент (Бундестаг) и делегатите именувани од покраинските собранија.
За разлика од претходните претседателски избори кои се одржани во салата на Бундестагот, овие избори поради епидемиолошките мерки ќе се одржат во осумкатната зграда „Пол-Лобе-Хаус“, која се наоѓа веднаш покрај германскиот Парламент.
Во првите два круга од гласањето се бара двотретинско мнозинство, а во третиот круг победува кандидатот со најмногу освоени гласови.
Така вкупно 1.472 делегати ќе бираат помеѓу пет кандидати, а фаворит е актуелниот претседател Штајнмаер кој има поддршка од најсилните политички партии во Бундестагот.
Штајнмаер е на функцијата претседател на Германија од 2017 година, кога го замени Јоаким Гаук. Искусниот германски правник и политичар Штајнмаер роден е во 1956 година во Детмолд. Во владите на Социјалдемократската партија беше на важни функции, вклучително и на позицијата министер за надворешни работи. На јавноста ѝ е познат по тоа што во 2010 година, додека работел како судија, го донирал бубрегот на својата сопруга.
Помеѓу делегатите кои в недела ќе го бираат германскиот претседател се и бројни познати личности делегирани од покраинските собранија. Меѓу нив се и поранешната канцеларка Ангела Меркел, основачот на компанијата „БајоНТех“, Озлем Туреџи, Нобеловецот Бенџамин Лист, астронаутот Александар Герст, фудбалскиот селектор Ханси Флик, тренерот на Фрајбург, Кристијан Штрајх, фудбалерот на Баерн Минхен, Леон Горецка, пијанистот Игор Левит и поранешниот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер.