Adham Kako,Levent Tok
23 Март 2018•Ажурирај: 24 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (AA) - Најмалку 37 цивили изгореа во нападот на силите на режимот на Башар ал-Асад и сојузниците врз засолниште во Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставници на цивилната заштита во Источна Гута потврдија дека борбените авиони фрлиле запаливи напалм-бомби врз засолниште во местото Арбин, во Источна Гута.
Мета на нападот беше засолниште на цивилите, а според последните информации, во нападот смртно изгореле најмалку 37 цивили, повеќето од нив жени и деца.
Поради константни воздушни напади на Асад и Русија, цивилите не се во состојба да ги напуштаат засолништата во Источна Гута.
Игнорирајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за воспоставување на едномесечно хуманитарно примирје во Сирија, режимските сили на Асад, со поддршка на Руските воздушни сили, од почетокот на март покренаа копнена операција, со цел заземање на Источна Гута.
Опозицијата, на 16 март, во подрачјето Хамурије дојде во судир со режимските сили и воспостави контрола над центарот на градот. Истиот ден, режимските сили во Кефр Батна изведоа напад врз пазар во кој загина 61 цивил.
Во Источна Гута живеат неколку илјади болни луѓе кои имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од нив се деца или луѓе заболени од карцином. Освен тоа, голем број деца, меѓу кои се наоѓаат и бебиња, починаа поради недостаток на храна и лекови.