Ayhan Şimşek
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
БРИСЕЛ (АА) - НАТО официјално ќе се придружи на глобалната коалиција против ДЕАШ, но нема да се вклучи во воени операции, изјави денес генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференцијата во Брисел, Столтенберг изјави дека лидерите на НАТО денес ќе усвојат нов акциски план за да ја интензивираат борбата против тероризмот, која вклучува придружување на НАТО во глобалната коалиција против ДЕАШ.
„Ова ќе испрати силна политичка порака за посветеноста на НАТО во борбата против тероризмот и ќе ја подобри соработката во коалицијата. Но тоа не значи дека НАТО ќе се вклучи во борбените операции“, истакна тој.
Пред НАТО како блок да се придружи на коалицијата против ДЕАШ, сите 28 од неговите земји-членки беа индивидуални членови на коалицијата формирана во 2014 година.
Столтенберг изјави дека членството на НАТО во коалицијата ќе обезбеди подобра платформа за координирање на напорите на НАТО и членовите на коалицијата во борбата против ДЕАШ.
„Денес одлучуваме да ја прошириме нашата поддршка на коалицијата. Со повеќе летови со авионите AWACS (авакс), поголема размена на информации и полнење гориво со авиотанкер“, рече тој, додавајќи дека НАТО, исто така, ќе ја зајакне размената на разузнавачки информации во борбата против тероризмот.
„Ќе се согласиме да формираме нова разузнавачка ќелија за тероризмот, тука во седиштето на НАТО. Ќе ја подобриме размената на информациите, вклучувајќи ги и странските борци. Исто така, ќе донесеме одлука за назначување координатор кој ќе ги надгледува напорите на НАТО во борбата против тероризмот“, рече тој.
- Локални сили -
Столтенберг исто така нагласи дека НАТО може да игра посилна улога во обучувањето на локалните сили во борбата против ДЕАШ.
„Обучувањето на локалните сили е едно од најдобрите оружја во борбата против тероризмот. Ние веќе ги обучуваме ирачките сили“, истакна тој.
Лидерите од 28-те земји-членки на НАТО, се собраа денес во Брисел, за Самитот во новото седиште на НАТО, кој ќе биде фокусиран на борбата против тероризмот и фер поделба на товарот меѓу сојузниците.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно го оквалификува НАТО како „застарен“ и го критикуваше поради неуспехот да се справи со тероризмот, за првпат присуствува на Самит на НАТО.
Се очекува тој да го повтори повикот за НАТО сојузниците како што е Германија, да ги зголемат своите воени трошоци за да ја исполнат договорената цел на НАТО за трошење на 2 отсто од нивниот БДП за одбрана.
Покрај Трамп, за првпат на Самитот на лидери на НАТО ќе присуствуваат и британската премиерка Тереза Меј и новиот француски претседател Емануел Макрон.